Со поднесената интерпелација против министерот за финансии, Драган Тевдовски, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да работи на штета на граѓаните и потврдува дека е против транспарентно и отчетно раководење со јавните финансии и буџет во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните и зајакнување на економијата.
Со неоснованата интерпелација, ВМРО-ДПМНЕ е против минимална плата од 12 000 денари за сите работници вклучително и работниците во кожарската и текстилната индустрија. Со гласањето против ребалансот на буџетот подготвен од министерот и Министерството за финансии ВМРО-ДПМНЕ докажа, а со денешната интерпелација и потврди дека е против трајното решавање на статусот на стечајните работници, против укинувањето на радиодифузната такса, против субвенциониран годишен одмор на најнископлатените работници и против поголема помош за претпријатијата - мерки што се обезбедуваат со ребалансот на буџетот.
Залудни и очајни се обидите на ВМРО-ДПМНЕ преку неиздржани интерпелации да се обидуваат да ги спречат реформите што носат квалитетен живот за сите граѓани. Преку транспарентна и отчетна работа, Министерството за финансии работи на обезбедување квалитетен животен стандард за граѓаните, зајакнување на уништената економија преку значителна поддршка за домашното стопанство.