Јирген Клоп, менаџерот на Ливерпул, изјави дека одлучил Филипе Кутињо да не го смести во екипата за натпреварот против Хофенхајм од плејофот за пласман во Лигата на шампионите.
Бразилецот претходните седмици беше поврзуван со Барселона, која него го гледа како идеална замена за Нејмар.
Иако Јирген Клоп, менаџерот на клубот од „Енфилд роуд“ прво изјави дека од трансферот на одличниот играч во Каталонија нема ништо, последните информации говорат дека ќе биде реализиран релативно брзо.
Причина за тоа е што челниците на клубот одлучиле да ја прифатат понудата на Барселона, која би требало да изнесува повеќе од сто милиони евра. Неодамна, медиумите во Англија открија дека и самиот играч поднесол официјално барање за трансфер.
Кутињо не го играше натпреварот од првото коло на Премиер лигата против Ватфорд поради наводна повреда, но ако се земе предвид дека на него не се смета ниту за дуелот со Хофенхајм, јасно е дека разделбата е блиску и дека ќе има уште еден трансфер вреден повеќе од сто милиони евра.
Ливерпул првиот натпревар против Хофенхајм го игра утре во Германија, а реваншот е следната недела на „Енфилд роуд“.