Турскиот министер за Европска унија Јомер Челик наведе дека изјавата на германската канцеларка Ангела Меркел за запирањето на проширувањето на царинската унија меѓу Анкара и ЕУ нанесува штета на кредибилитетот на Унијата.
- Коментарот на Меркел, што беше даден синоќа, е несоодветен, нагласи Челик на прес-конференцијата во Анкара.
Тој додаде дека политиката на ЕУ не може да се определува од страна на една одделна земја.
Челик оцени дека Турција и ЕУ ќе профитираат од измените во царинската унија и го повика Берлин да одговори на барањето на Турција за испорачување на професорот по теологија, осомничен дека имал клучна улога во минатогодинешниот обид за воен преврат.
- Во секој случај во моментов нема да ја прошируваме царинската унија со Турција. Не станува ни збор за проширување, истакна синоќа Меркел.