Социјалдемократскиот сојуз креира хаос и беззаконие во државата и во институциите.

За Социјалдемократскиот сојуз не се важи ниту право, ниту закон, ниту пак ги интересираат граѓаните.

Цената на целото политичко-правно цунами кое го прави Заев и Социјалдемократскиот сојуз ќе ја платат граѓаните кои ќе добијат нефункционални институции водени од некомпетентни кадри.

Лица со средно градежно се поставуваат за директори на културни установи, а историчари се поставуваат за директори на Спортска Академија. Ова е класично понижување и девалвирање и на институциите и на законите.

Социјалдемократскиот сојуз и Заев со сите незаконски разрешувања и именувања, прават кривични дела и ги кршат одредбите од Законот за избори и Законот за спречување на корупција со што ја злоупотребуваат службената положба и овластувањата.

За оваа одговорност мора да има и ќе има.

Еве уште неколку примери за кои што сакаме да го прашаме Заев:

За одговорен на безбедноста на нашите возови е поставен Абдулкадир Исаки. Дали согласно член 40 од Законот за сигурност во железничкиот сообраќај и систем, младиот и неискусен Исаки ги исполнува условите од најмалку 5 години работно искуство во областа? Да му помогнеме на Заев, никој во управата или областа не го познава младиот Исаки, а безбедноста на нашите возови ќе ни зависи токму од него.

Истото се случува и со именување на директори по казнено - поправните установи.

Дали Мики Тодоров кој е поставен за директор на затворот во Штип има 5 години работно искуство во областа?

Дали Марјан Спасовски кој е поставен за директор на затворот Куманово има искуство од 5 години во областа?

Вакви примери има илјадници. На сите нивоа и во сите институции.

Социјалдемократскиот сојуз и Заев наместо професионализација на институциите како што тоа ветуваа на граѓаните пред изборите го направија токму спротивното.

Со незаконското на назначување на лица во Управните, во Надзорните одбори по институциите, со противправното назначување на директори, Социјалдемократскиот сојуз направи тотална партизација, внесе сомнеж кај граѓаните и правна несигурност кај вработените во администрацијата.

Социјалдемократскиот сојуз со самото поставување на членови на Управни и Надзорни одбори, со поставување на Директори во агенции и други институции, надвор од законските норми, го доведе во прашање легитимитетот во носењето одлуки на овие државни органи и тотално ги парализираше.

Сите одлуки на незаконски поставени партиски кадри во иднина можат да бидат оспорени, а сметката за тоа за жал ќе ја платат граѓаните.

Одговорност за ова ќе има. Кога ќе се врати правата држава, секој поединец индивидуално ќе одговара за прекршување на законите.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека е најдобро незаконски именуваните и поставени лица во најкраток можен рок треба да си поднесат оставка. Како што досега тоа го сторија двајца. Казната од граѓаните за беззаконието на Социјалдемократскиот сојуз ќе стигне на 15-ти октомври.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2017 16:02