Движењето на странските инвестиции сериозно загрижува по доаѓањето на новата Влада, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски при денешната посета на општина Сопиште.

Вели дека во овие два и пол месеци откако е дојдена новата влада целосно е запрено доаѓањето на новите странски инвестиции.

- Јас ќе напоменам дека само во првите пет месеци од оваа година, иако имавме сериозна политичка криза, иако имавме техничка влада, протести низ улиците и сите оние проблеми со кои што се соочи државата, сепак во еден таков период успеавме да постигнеме договор, или да се почне со градба на шест нови фабрики кои потенцијално ќе вработат 3.300 луѓе како директни вработувања, плус индиректните, истакна Груевски.

Според него, видливо е дека Владата нема ниту интерес за привлекување на странски инвестиции бидејќи, како што рече, во Владата не влегоа компетентни кадри за привлекување на странски инвестиции кои знаат како да го прават привлекувањето.

- Наместо компетентните кадри донесени од различни страни на светот, во Македонија, од нашата дијаспора, влегоа луѓе кои никогаш тоа не го работеле и навистина загрижувачки е трендот на странските инвестиции во Македонија. Илјадници работни места се отворија со доведувањето на странските инвеститори. Што е уште поважно, многу од нив дадоа работа и на домашните фирми и многу домашни фабрики се изградија како резултат на тоа што станаа соработници на странските инвестиции, истакна Груевски.

Појасни дека во изминатиот период, благодарение на странските инвестиции, драстично се зголеми извозот во Македонија.

Груевски информираше дека половина од извозот на Македонија е од новодојдените странски инвестиции.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ вели дека е загрижувачки тоа што новите министри зборувале за поставување услови на странските инвостори, тие да мораат да добавуваат суровини од домашни компании.

- Тоа е добро, на хартија. Тоа е добро кажано вака, но во реалноста тоа ќе ги одврати инвеститорите. Убаво звучи кога некој ќе каже, ќе дозволиме некои странски инвеститор да дојде во Македонија, доколку купува производи од нашите фирми. Супер кажано, меѓутоа, знаете ли колку фирми ќе се откажат заради тоа и колку работни места нема да се отворат, појаснува Груевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/08/2017 16:33