Пред амбасадата на Србија во Скопје , која се наоѓа во населбата Водно во текот на вечерта значително е зголемено присуство на полициски возила. Според официјални информации, персоналот кој е вработен во оваа амбасада денеска бил повлечен во Белград со образложение дека се повикани на консултации.
Нота со ваква содржина примило македонското МНР, но во документот не биле наведени причините за повлекувањето на српските дипломати.
Од Министерството за надворешни велат дека се обидуваат во комуникација со српските власти да ги дознаат причините за ваквиот чекор. Српските власти пак најавија дека во текот на денешниот ден ќе бидат соопштени деталите за ваквата одлука.
Според Виенската конвенција, Македонија презема мерки за заштита на безбедноста и интегритетот на Амбасадата на Србија во Скопје.
На електронските медиуми пак се појавија различни шпекулации за оваа речиси многу ретка постапка на една земја во мирно временски услови. Канал 5 објави дека од амбасадата на Србија се изнесуваат документи, додека Миленко Неделковски на својот портал „дудинка“ напиша дека се работи за превентивен чекор на српските власти поради информации во официјален Белград, дека Република Македонија ќе биде земјата која ќе го предложи приемот на Косово во УНЕСКО од како лани тоа го стори Албанија.