ВМРО-ДПМНЕ изразува загриженост за објавената, од страна на Република Србија, шпионска афера која има меѓународни димензии, имајќи предвид дека е меѓудржавна.
ВМРО-ДПМНЕ се надева дека македонската и српската влада ќе ги расчистат сите детали во врска со ова и ќе ја информираат јавноста.
Чекорите кои ги превзема Република Србија, степенот на кој се превземаа мерки од нивна страна, како и изјавите на српските политичари не кореспондираат со изјавите на македонските претставници, што укажува дека постојат детали за кои јавноста не е запознаена.
Расчистувањето на оваа афера, покрај утврдувањето одговорност на чија и да е страна треба да води и кон нормализација на односите меѓу двете држави.
Во врска со информацијата од вчера дека на 27-ми април некоја македонска институција му дала согласност на српскиот дипломатски претставник да влезе во парламентот на Република Македонија за време на инцидентот, ВМРО-ДПМНЕ, имајќи предвид дека сега е во опозиција, во текот на денешниот ден во рамките на своите можности вршеше проверки и утврди дека ниту МНР, ниту владата, ниту парламентот, ниту МВР или Агенцијата за разузнавање не добиле такво барање, ниту издале таква согласност и одобрение.
Сепак, ја повикуваме новата влада која сега има контрола на сите институции, да провери дали такво нешто имало, и доколку имало да го објави документот со кој некоја институција издала такво одобрение. Доколку не се прикаже таков документ во наредните ден два, ќе констатираме дека дефинитивно такво нешто не е издадено.