При својата прва европска турнеја во Источна и Централна Европа, во земјите членки на Европската Унија, Емануел Макрон нема да ги посети ниту Будимпешта ниту Варшава.

Од 23-ти до 25-ти август францускиот претседател ќе се сретне со австрискиот канцелар, како и со словачкиот и чешкиот премиер, а потоа ќе ги посети Бугарија и Романија. Главна тема на средбите ќе биде прашањето за работниците од една матична земја на ЕУ кои работат во друга. Но, со заобиколувањето на Унгарија и Полска се отворија повеќе прашања, иако од Елисејската палата уверуваат дека овие две земји не се посакува да се остават настрана, јавува дописникот на МИА од Париз.

Но, двата „непримерни ученици“ на Европската унија не се вклопуваат во посетата која, според Елисејската палата, има за цел да се обиколат државите „кои сакаат да ја играат играта на Европската унија и нејзиното продлабочување“, но не станува збор да се предизвика поделба кај земјите од Источниот дел на ЕУ.

Француската дипломатија, според парискиот печат, е ангажирана за зајакнување на Европската унија во Централна Европа каде се разви националистичката алијанса на групата од Вишеград. Составена од Словачка, Унгарија, Полска и Чешка, нејзините водачи веќе се сретнаа со францускиот претседател на маргините од самитот во Италија минатиот јуни.

Пјер Коломина, истражувач на Ирис, гледа неколку причини зошто Унгарија и Полска се издвоени од ова прво патување.

Прво, нивното одбивање да ги прифатат бегалците. Лидерите на двете земји, кои отсекогаш одбиваа да ги применуваат квотите за прифаќање на бегалците договорени со Турција во 2015 година, редовно даваат ударни изјави за имиграцијата. Минатиот јуни, Виктор Орбан ја посети Романија и се спротивстави на планот за европска распределба на мигранти “кој може да го промени културниот идентитет на земјата”.

Второ, разликите во владеењето на правото во двете земји се исто така пречка за посетата на Емануел Макрон. Полска и Унгарија се предмет на постапки за прекршување на правото од Европската унија и тие меѓусебно се поддржуваат пред Брисел.

Како одговор на овој блок, Емануел Macron „избира билатерални преговори” за примарната цел на неговата посета: прашањето за преместените работници, за да успее да го помине неговиот предлог во Брисел за заострување на правилата. При предизборната кампања, францускиот претседател изјави дека сака повторно да преговара за текстот. Ветувања, кои беа видени од земјите од источниот и централниот дел на ЕУ како протекционистичка волја на францускиот претседател. Од 1996 година, Директивата го одобрува испраќањето на работници во друга европска земја, притоа задржувајќи ги придонесите за социјално осигурување и договорот на работникот во неговата земја на потекло.

На патот кон исток, Макрон сака да увери и да знае кој ќе ги поддржи француско-германските проекти за заживување на европската интеграција. Секој од водачите на државите со кои ќе се сретне е со оваа цел. Романија , една од најголемите земји која не е дел од еврозоната, еден ден би можела да стане противтежа на Полска, смета Томас Пружа за Журнал ди диманш, инаку чешки економист во ЕУобсервер. Бугарија, кој ќе го преземе следното ротирачкото претседателство на Европската унија во почетокот на 2018 година, исто така, се чини дека ќе го прифати наредниот предлог на Франција и Германија за европската интеграција. Конечно, Австрија, усогласена со Франција на полето на испратените работници, исто така е важен сојузник во дебатата за интеграцијата. Таа ќе претседава со ЕУ по Бугарија на чело на ЕУ во втората половина на 2018 година.

За Пјер Коломина, клучна точка која засега не е ставена во агендата на претседателот, Емануел Mакрон е безбедноста и одбраната на ЕУ. – Повикување на европската одбрана апсолутно би било кориснио за земјите од истокот на ЕУ. Цврста и позитивна позиција за одбраната Европа е од суштинско значење, смета тој, бидејќи според него овие централно-европски земји се повеќе загрижени за намерите на нивниот руски сосед.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2017 21:18