Под раководство на новиот тренер Александар Тодоров, екипата на МЗТ Скопје Аеродром вчеравечер ги почна подготовките за новата сезона, во која ќе го брани трофејот.

Тодоров очекува наскоро да се комплетира тимот и да има доволно време за воигрување.

– Се уште не сме комплетни, но во кусо време очекувам да ја пополниме и последната празнина и тоа на центарската позиција. Би сакал да бидеме во полн состав пред одигрувањето на пријателските средби за да имаме доволно време за воигрување пред првиот меч од АБА-лигата против Партизан. Задоволен сум од тимот со кој располагам, дојдовме до играчите кои ги сакавме, а единствено изненадување беше заминувањето на Младеновски, што беше само поради неговата желба да се проба во странство, изјави тренерот Тодоров.

По едногодишно отсуство во тимот се врати Дамјан Стојановски кој ја доби капитенската лента.

– За нас е најважно добро физички да се подготвиме во следниот период, бидејќи нѐ голем број тешки натпревари кои ќе мора да ги издржиме. Сите се засилуваат и во АБА-лигата и во домашното првенство, кои сметам дека ќе бидат на повисоко ниво во однос на претходната сезона. Доволно сум подготвен да ги издржан подготовките, што ме радува по долгата пауза која ја имав. Верувам дека се ќе биде како што треба, истакна Стојановски.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/08/2017 21:21