Неколку илјади лица се собраа на протест против одлуката на судот во Москва, за определување домашен притвор за познатиот руски театарски и филмски режисер Кирил Серебреников.

Руското обвинителство тврди дека режисерот извршил „измама и злоупотреба на државните фондови“, но на судското сослушување тој изјавил дека не знае ништо за било каква злоупотреба.

Целиот процес беше попречуван од демонстрантите кои извикуваа „слобода за Серебреников“ и „срамота“.

Меѓу демонстрантите имало познати личности од московската и руската театарска сцена, режисери и сценаристи, луѓе од филмот и новинари , за кои се вели дека се собрале да му дадат подршка на режисерот.

Познатиот режисер и сценарист Виктор Шендерович изјави дека е недозволиво еден светски познат режисер да се третира на овој начин. Тој смета дека целиот процес е само „јасен сигнал на власта пред изборите“, планирани за следната година.

Додека е во домашен притвор, до 19 октомври, Серебреников нема да може да користи телефон, како и да комуницира со било кого, без согласност на судските власти.

Државното обвинителство го товари режисерот дека во периодот меѓу 2011 и 2014 година, има злоупотребено 68 милиони рубљи, или околу 1,1 милиони долари, доделени од државните фондови за еден театарски проект.

Доколку биде осуден, може да биде казнет со 10 години затвор.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/08/2017 13:39