Американскиот претседател Доналд Трамп денеска потпиша извршна уредба со што на американските банки им се забранува да склучуваат нови финансиски договори со венецуелската Влада и државниот нафтен гигант „Петролеос де Венецуела” (ПДВСА).

Белата куќа истакна дека санкции се наложени со цел да се изврши притисок врз Владата на венецуелскиот претседател Николас Мадуро да ја прекине неговата „тиранија“.

Сепак, Белата куќа напоменува дека уредбата дозволува американското Министерство за финансии да издава лиценци за други трговски и хуманитарни трансакции, увоз и извоз на нафта и трансакции со огранокот на ПДВСА – „Китго“.

Минатиот месец администрацијата на Трамп предупреди дека ќе преземе сериозни економски активности доколку Владата на Мадуро не се откаже од плановите за создавање на Уставотворно собрание.

Новите економски санкции веројатно ќе ја влошат кризата во која се наоѓа венецуелската економија, чиј раст од 2014 година е намален за 35 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/08/2017 03:10