Катастарот е една посебна приказна и e еден голем скандал тоа што се случува сега. Имено, за директор во Катастарот се донесе човек кој претходно бил геодет, имал своја геодетска фирма и плус тоа бил вештак. Како вештак се истакнал со тоа што направил фалшливи вештачења за случајот на СЈО „Сончев град“ и за случајот „Космос“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Како резултат на тоа, како благодарност за неговото дејствување како вештак, што направил фалшливи вештачења и нереални вештачења, му се вработила неговата ќерка во СЈО и него го поставиле за директор на Катасатрот. Откако го поставија за директор, неговата фирма ја префрлил на име на жена му, геодетската фирма и од позиција на директор на Катастарот донел одлука да се зголемат цените што ги земаат геодетските фирми. Значи, како директор на Катастар ги зголемува цените на геодетските фирми, а тој самиот има геодетска фирма, сега веќе префрлена на име на жена му, рече Груевски.
Тој нагласи дека цените се зголемуваат сериозно, поранешната максимална цена сега станува минимална, а максимална не се одредува и проценките се дека ќе има веројатно околу 50 отсто поскапување на цените на геодетските услуги што ќе ги плаќаат во прв ред граѓаните, исто така компаниите и формите за своите инфраструктурни работи, за градби итн.
Како замаглување на неговиот скандал што го направил, направи намалување на катастарските услуги кон граѓаните, иако Катастарот нема простор за тоа. Имено, намалувањето ќе се покрие од Буџетот, што значи дека пак народот преку буџетските пари ќе го плати намалувањето, инаку ќе отиде во банкрот Катастарот ако тоа не го направи. За да тој може ова да го затскрие, преку намалувањето на катастарските услуги кон граѓаните прави димна завеса додека овозможување геодетските фирми значително да ги зголемат своите приходи од средствата кои што ги плаќаат граѓаните и фирмите во ситуација во која тој има негова фирма, односно неговата жена. Тоа е СДСМ, рече Груевски.