Генералниот Секретаријат на владата под палката на Драги Рашковски работи незаконски.

Рашковски носи одлуки кои се спротивни на законот и кои на крај ќе треба да ги плаќаат граѓаните. За да ги задоволи политичките апетити и нарачките на својот шеф Заев, на тој начин Рашковски прави хаос по институциите. Разрешува надвор од законот и поставува во најголем дел некомпетентни и неспособни партиски кадри, и тоа повторно надвор од законот.

Сите овие одлуки се спорни. Сите овие решенија ќе паднат кога судовите и надлежните институции ќе се одважат и нема да потклекнуваат на притисоците од СДС, односно кога ќе почнат да постапуваат исклучиво според законот. Тогаш ќе бидат оспорени сите одлуки на незаконски поставените кадри од страна на Рашковски, а тој и луѓето околу него ќе одговараат за штетите што ги направиле.

Рашковски не е сам во незаконските дејствија што ги прави.

Рашковски како Генерален Секретар на владата, го ангажираше неговиот кум, адвокатот Дејан Костиќ за адвокат на Генералниот Секретаријат на владата. Рашковски го овласти Костиќ, да свикува управни и надзорни одбори, да оди по институции, да ги притиска, да се однесува некултурно, буквално да дивее и да прави што сака по македонските институции, да навредува и омаловажува.

Костиќ со одобрение на Рашковски се прави газда по македонските институции. Ова е врв на непотизам и самовластие. СДС се однесува како институциите да се нивна приватна сопственост.

Рашковски треба да и одговори на македонската јавност како од позиција на Генерален Секретар на владата го ангажирал неговиот кум, адвокатот Дејан Костиќ, за адвокат за застапување на Генералниот секретаријат?

Рашковски треба да им даде одговори на граѓаните како е избрана адвокатската канцеларија на Костиќ за застапник на Секретаријатот? Која била процедурата и кој го вршел изборот? Исто така Рашковски треба да им објасни на македонските граѓани колку го плаќа сопствениот кум, со пари на граѓаните, за дивеењето по македонските институции.

Рашковски мора да им објасни на граѓаните кои преку буџетот ги плаќаат лудориите на Рашковски и неговите кумови и пријатели, зошто е ангажиран адвокатот Костиќ, кога Секретаријатот има правна служба, која треба да ги извршува работите за кои што државата сега издвојува средства и го плаќа адвокатот Костиќ?

Рашковски не смее да бега од одговори. Граѓаните мора да знаат кој, како и за што ги троши нивните пари. Граѓаните нема да дозволат нивните пари да бидат трошени за полнење на приватните сметки на Рашковски и неговите роднини.

Рашковски, Костиќ и сите претставници на власта или нивни коизвршители, треба да знаат дека мора да работат единствено согласно закон, и никако поинаку. Рашковски и СДС треба да знаат дека секое незаконско работење и прекршување на законот ќе биде ревидирано и санкционирано со враќањето на демократијата и правната држава. Одговорност ќе има и мора да има.



Автор: Администратор
Објавено на: 29/08/2017 23:32