Северна Кореја лансираше ракета која ги надлета северните делови од Јапонија, пред да падне во морето, соопшти јапонската влада.
Во соопштението се вели дека не бил направен обид од страна на јапонските сили да се собори севернокорејската ракета, но таа предизвикала да биде покрената безбедносна тревога.
Ракетата била испукана во раните утрински часови по локално време и се прекршила на три делови пред да се урне.
Во саботата, од Северна Кореја беа лансирани три ракети со краток дострел, во море, испукани од нејзиниот морски брег.
Во најновиот ракетен инцидент, јапонската влада ја предупреди домашната јавност за испуканата ракета од соседството, со препорака луѓето да бидат максимално претпазливи.
Нема знаци дека оваа ракета има предизвикано каква било штета.
Јапонскиот премиер Шинѕо Абе, веднаш по инцидентот со севернокорејската ракета, изјави дека владата прави се за да се заштитат човечките животи.
Претставник на владата изјави дека последната ракетна проба во Северна Кореја и ракетата истрелана кон Јапонија е „голема закана и случај без преседан“ .
– Јапонија ќе преземе контра мерки како одговор на овој инцидент, рекол владиниот претставник во Токио, без да наведе какви било други детали.
Премиерот Абе, подоцна, свика седница на јапонскиот совет за национална безбедност.