Во текот на вчерашниот ден група пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ во Собранието на Република Македонија поднесовме Предлог на закон за остварување право на пензија за работниците во рударството, по редовна постапка.
Имајќи го во предвид фактот дека ескплоатацијата на руда е една од најтешките и најопасните дејности каде работните задачи на рударите се особено тешки и штетни по нивното здравје и нивната работна споспобност, со овој Предлог на закон предвидуваме и сметаме дека е потребно остварувањето на правото на старосна пензија да им биде уредено под поинакви услови соодветни на оваа специфична, тешка и опасна дејност.
Основната цел на ова позитивно законско решение е да се намали старосната граница на пензионирање на лица кои работат на овие работни места односно на рударите кои работат на работни места и своите работни задачи ги извршуваат под земја.
Овој Предлог закон предвидува единствен услов за остварување право на старосна пензија за вработените во рударството да биде пензискиот стаж, со што ќе биде овозможено овие вработени правото на пензија да го остварат порано од останатите категории на работници.
Имено, за работниците кои работат на работни места и своите работни задачи ги извршуваат под земја во рударската дејност, а стажот на осигурување се смета со зголемено траење, ефективно најмалку 15 години, правото на старосна пензија ќе може да го остварат со навршување на вкупен пензиски стаж од 40 години за мажи односно 35 години за жени, без оглед на нивната возраст.
Како пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“ сметаме дека ова позитивно законско решение е од огромно значење за рударите и токму од тие причини, по нивно барање и меѓусебни консултации остварени преку повеќе неформални средби во изминатите години, во текот на вчерашниот ден го поднесовме овој Предлог на закон со кој конечно ќе се реши и ќе се излезе во пресрет на барањата на рударите.
Оттука, како пратеници-подносители на овој закон силно веруваме дека со донесувањето на ова позитивно законско решение, од една страна значително ќе се подобрат условите на рударите со оглед на тежината и специфичноста на рударската дејност, но од друга страна пак и ќе се овозможи отворање на нови работни места за вработување на млад кадар, што дополнително ќе влијае врз економската сигурност на граѓаните од познатите рударски региони во нашата држава.
Токму од овие причини, искрено се надеваме дека СДС конечно ќе почне да се однесува зрело и ќе даде поддршка за овој Предлог закон со цел да се помогне на работниците од една од најтешките работни дејности во Република Македонија, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ без разлика дали е на власт или во опозиција, секогаш ќе работи и ќе се бори за интересите и потребите на сите граѓаните на Република Македонија.