Дозволете Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите верници од исламската вероисповед во Република Македонија, од мое лично име и од името на ВМРО-ДПМНЕ, да Ви го честитам големиот верски празник - КУРБАН БАЈРАМ.
Хуманоста и меѓучовечката љубов се симболите на овој празник. Верниците кои денес празнуваат нека ги споделуваат вредностите на простувањето и солидарноста, бидејќи овие универзални вредности се темелот на традицијата која на овие простори се одржала низ вековите. Љубовта и подадената рака кон својот ближен, роднина, сосед и пријател го прави нашето општество подобро и ги зацврстува врските меѓу луѓето. Вредностите на толеранција, разбирање и меѓусебна помош кои нашите предци ги пренесувале од колено на колено се доказ за богатството на нашето мултикултурно и мултиконфесионално општество кое е градено низ годините и кое секој од нас е должен да го почитува и да го пренесува. Само така ќе продолжиме да градиме заеднички живот во Македонија, темелен на почитување и заеднички напредок.
Нека празничните мигови донесат радост, бериќет и успеси на секој верник, но и среќа и надеж за подобро утре на секој граѓанин во нашата заедничка татковина, затоа што радоста и бериќетот на нашиот пријател или сосед е радост и просперитет за секој од нас.
Нека Ви е честит Курбан Бајрам!