Германската канцеларка Ангела Меркел изјави денеска дека „можеби е време да се преразгледаат односите со Турција“ по апсењето на уште двајца Германци во одморалиште во Анталија од страна на турските власти.

Германското Министерство за надворешни работи соопшти дека во Турција досега се уапсени 12 германски државјани, тврдејќи дека сите се политички мотивирани.

Според Меркел, најголемиот број од уапсените се обвинети без правна основа и тоа е доволно Германија да размисли какви односи треба да има со Турција.

– Сето ова што сега се случува е несоодветно со сегашните разговори за проширување на царинскиот ангажман со Турција, кој земјата го има преку ЕУ, изјави Меркел.

Односите на двете земји значително се влошија откако во февруари Турција уапси еден германски новинар од турско потекло.

Во јули годинава Министерството за надворешни работи во Берлин ги предупреди Германците да не патуваат во Турција, затоа што ризикуваат да бидат уапсени само врз основа на одредбите на вонредната состојба, која е воведена по минатогодишниот неуспешен државен удар.

Турските власти кои минатата година уапсија над 50 илјади лица и отпуштија од работа уште 100 илјади други, обвинувајќи ги за поврзаност со пучот, го осудија ваквото предупредувањ на германското МНР.

Официјална Анкара ја обвини Германија дека има „едностран приод“ кон случувањата во Турција и го смета за крајно „неприфатлив“.



Автор: Администратор
Објавено на: 03/09/2017 00:48