Кина ја предупреди Северна Кореја да не продолжува со своите планови за лансирање на уште една балистичка ракета, тврдејќи дека тоа ќе ги зголеми тензиите.
Портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг изјави денеска на прес-конференција дека на Пјонгјанг „мора да му биде многу јасно“ дека резолуциите на Советот за безбедност на ОН ги забрануваат такви активности.
Јужнокорејското Министерство за внатрешни работи соопшти денеска дека Северна Кореја веројатно повторно планира да изврши истрелување на ракета, можно е и интерконтинентална.
Генг истакна дека Кина се надева оти сите страни, посебно Северна Кореја, „ќе покажат воздржаност и ќе се откажат од дополнително ескалирање на тензиите“.
Тој, исто така, нагласи дека Кина изразила „остра реакција“ до севернокорејската амбасада во Пекинг откако Пјонгјанг вчера изврши шеста нуклеарна проба.