Координаторите на пратеничките групи на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски и Илија Димовски, побараа да биде повлечен Законот за употреба на јазиците, кој денеска е на дневен ред на Комисијата за европски прашања во Собранието.
Милошоски побара од законот да биде тргнато „европското знаменце“, бидејќи тоа се злоупотребува за да се забрза носењето закон кој е неуставен и спротивен на сите законски прописи.
– Европското знаменце е злоупотребено како „смоквин лист“ за да ја скрие неуставноста и немоќта на креаторите на законот да разговараат со релевантните институции. Овој предлог-закон треба да оди на јавна дебата. Барам министерот за правда да каже со кој акт или европска директива се усогласува законот. Барам и присутните дипломати да кажат кој е актот со кој се усогласува законот – рече Милошоски, додавајќи дека ниту во еден извештај на Европската Унија двојазичноста не била критериум за членство на Македонија и дека опозцијата не е против да се дискутира за законот, туку е против злоупотребата при неговото носење.
Димовски истакна дека се крши процедурата бидејќи за Законот првин треба да се произнесе матичната Комисија за политички систем и да има дебата на која ќе бидат поканети професори од областа на правото, образованието и од другите сфери.
Предлозите на Милошоски и на Димовски беа одбиени од членовите на Комсијата, чиј претседател, Артан Груби, даде половина час пауза по расправијата со Милошоски околу тоа дали пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ има деловничко право за збор или не.
На седницата се присутни и странски дипломати.