Севернокорејскиот диктатор Ким Џонг-ун едноставно моли за војна, изјави синоќа американската амбасадорка во ОН, Ники Хејли на итната средба на Советот за безбедност.
Таа најави дека официјален Вашингтон ќе предложи резолуција за нови санкции за Северна Кореја, за кои ќе се дискутира во следните денови, а ќе се гласа в понеделник.
– Само со најостри санкции може да се реши проблемот по дипломатски пат, нагласи Хејли на состанокот побаран од Велика Британија, Франција, Јапонија и Јужна Кореја.
– Војна не е нешто што посакуваат САД, не го сакаме тоа, но и нашето трпение не е бесконечно. Ким Џонг-ун со злоупотребата на ракетите и со нуклеарните закани, едноставно моли да почне војна, заклучи Хејли.
Иако Хејли не откри какви мерки ќе предложи Вашингтон, сепак дипломатите на средбата истакнаа дека гаѓањето на нафтените извори на Северна Кореја би можело многу да ја ослабе нејзината економија. Новите санкции би можеле да вклучуваат и забрана за туристички посети на Северна Кореја, како и забрана за работници од оваа земја да добијат работа во странство.
Рускиот амбасадор во ОН Василиј Небензја оцени дека воени решенија не можат да ја решат кризата на Корејскиот полуостров, предупредувајќи дека „итно е потребно да се задржи студена глава и воздржување од акции кои можат да ја влошат ситуацијата“.
– Сеопфатно решение за нуклеарното и другите прашања на Корејскиот полуостров можат да се постигнат единствено по пат на дипломатски канали, вклучувајќи посреднички напори на генералниот секретар на Обединетите нации, изјави рускиот постојан претставник во светската организација.
Јапонскиот амбасадор Коро Бешо, на синоќешната седница на Советот за безбедност изјави дека неговата држава ќе бара нова резолуција за санкции против Северна Кореја.
– Немаме веќе време за губење, потенцираше Бешо, дополнувајќи дека е неопходно Северна Кореја да почувствува притисок.
– Велика Британија ги разгледува сите начини на кои може да се изврши притисок врз Северна Кореја, откако Пјонгјанг ја изведе најновата, шеста нуклеарна проба, изјави портпаролката на британската премиерка Тереза Меј. Сепак, официјален Лондон преферира мироно дипломатско решение, додаде таа.