Билансот на жртвите од ураганот Ирма се искачи на 10 лица, јави Си-Ен-Ен. Најмалку осум лица загинаа, а две се потешко повредени на островите Свети Мартин и Свети Вартоломеј, едно лице загина на Ангвили, а двегодишно дете го загуби животот на Барбуди.

На погодените острови уништена е речиси целата инфраструктура, а материјалната штета е огромна. Според прогнозите, Карипските Острови за време на викендот би можеле да бидат погодени од ураганот „Хозе“, кој во моментов се развива и го следи ураганот Ирма.

Американскиот Национален центар за следење урагани го прошири предупредувањето од оваа природна стихија и на северозападниот дел на Бахамите, а се уште се на сила предупредувањата за Доминиканската Република, Хаити, југоисточниот и централниот дел на Бахамите и островите Туркс и Каикос. На листата каде ќе мине „Ирма“ е и дел од Куба. Центарот соопшти дека ураганот се движи кон северозапад, со брзина од 17 километри на час.

Во меѓувреме, на Флорида, каде се очекува ураганот да удри во текот на викендот, се спроведува масовна евакуација. Жителите бегаат од подрачјата кои ќе се најдат на патот на „Ирма“, а патиштата се преполни со луѓе кои спасот го бараат надвор од своите домови, наведе Еј-Би-Си Њуз.

Се претпоставува дека ураганот „Ирма“ во моментот кога ќе дојде до Флорида ќе ослабне до четврта категорија, што значи јачината на ветерот ќе се движи од 210 до 249 километри на час.

Сите болници на Флорида Кејс утре во седум часот изутрина по локално време ќе бидат затворени, соопштија локалните власти.

Исто така, донесена е одлука за исклучување на две нуклеарни централи доколку „Ирма“ остане на траекторијата на која се наоѓаат постројките, објави „Фокс Њуз“. Портпаролот на нуклеарната централа Питер Робинс изјави дека запирањето на работата во електраните е постепен процес, но дека конечната одлука ќе биде донесена на време.

- Ако претпоставиме дека би можело да дојде до директно влијание на ураганот врз објектите, ќе ги исклучиме нуклеарните единици, потенцираше Робинс.



Автор: Администратор
Објавено на: 07/09/2017 12:33