На денешната прес конференција сакаме да обзнаниме тежок скандал.
СДС се свесни дека заради својата неспособност и штетни политики на локалните избори ќе се соочат со голем пораз и тежок дебакл. Затоа се нервозни и во очај.
Според сите анкети и анализи разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДС изнесува над 100 000 гласови. СДС затоа влегува од грешка во грешка, и затоа прават скандали.
СДС се фатени на дело, самите признаа. СДС на овие избори согласно тоа што го пишува на таблата на нивната општинска организација, има стратегија да ја ангажира полицијата во нивна функција на изборите, и да го користи државниот буџет за поткуп на гласачи за да им дадат поддршка на претстојните изборите.
Погледнете, ова е swot анализа, до која дојдовме, односно swot анализа која што тие самите ја објавија а се однесува на анализа на слаби и силни страни на секоја партија која што ја прават во рамки на свој општински комитет.
Јавно, дрско и брутално СДС како главна полуга на овие избори го истакнува користењето на полицијата во функција на изборите.
Погледнете, прва работа која е наведена е контролата и употребата на МВР во изборни цели.
Ова е тежок скандал, ова е противправно делување и ова е криминал!
За ова некој треба да одговара и мора да одговара. За ова некој ќе одговара.
Ги повикуваме чесните полицајци да не дозволат да бидат инволвирани во вакви активности, а сите оние од СДС коишто ќе посегнат по вакво нешто, по следните предвремени парламентарни избори догодина ќе одговараат.
Ова е директно мешање на партијата и државата, и директно и експлицитно злоупотребување на полицијата во партиски цели на СДС. Еве колку вреди СДС, еве колку се силни. Воопшто не се, главен аргумент за избори не им е програма, не им е работа, туку употребата на полицијата!
И тоа која полиција, онаа полиција на која СДС и посакуваше Куманово да им се деси, онаа полиција која ја каменуваа, тепаа, оние полицајци кои се дел од стотината полицајци кои СДС физички ги повреди и долготрајно ги понижуваше.
За какви фер избори Заев зборува, кога во време кога држи прес со амбасадорот Жбогар за демократски избори, во штабовите на неговата партија заговараат употреба на полиција за избори.
Погледнете го и ова.
Покрај полицијата СДС смета дека на овие избори втора главна работа е употребата на државниот буџет во партиски цели на СДС, за да корумпираат гласачи, за да притискаат гласачи заради социјалната помош, заради субвенциите за земјоделците, заради платите и заканите од отпуштања.
Срамно и недостоинствено!
Ова е уште еден доказ колку се слаби и колку и тие самите се свесни дека народот не ги одобрува нивните штетни политики, па сега посегнуваат по злоупотреби од најголем вид.
Сакаме ова да го истакнеме за да укажеме со какви услови се соочуваме, и јасно да претставиме дека СДС нема намера за фер и демократски избори.
И бараме одговорност.
На совеста на ДИК, јавното обвинителство и на меѓународната заедница е дали ќе реагираат на овој тежок, навистина тежок скандал, или ќе се обидат при очи да се прават дека ова не го гледаат.
Истовремено сакаме да порачаме, на овие избори на СДС нема да му помогне ништо. Ниту бандитите кои ги подготвуваат за изборни манипулации, ниту нивната партиска полиција, ниту целиот државен буџет. Одиме напред!
Нашата победа веќе се чувствува и ништо и никој нема да може да ја спречи!