Дозволете ми во мое лично име и во името на ВМРО-ДПМНЕ, да ви го честитам, 8 Септември - денот на независноста на Република Македонија. Денот на кој пред 26 години, ние граѓаните, одлучивме Република Македонија да биде независна држава, остварувајќи го со тоа сонот на илјадници македонци и граѓани на Македонија, кои своите животи ги дадоа за градење на сопствена држава.

Како држава издржавме бројни искушенија и поминавме многу премрежја. 26 години подоцна како народ и како држава повторно минуваме низ период во кој е потребно многу мудрост, храброст и одлучност во носењето на одлуките и делувањето. Повторно минуваме низ период во кој се отвараат прашања што длабоко задираат во нашиот идентитет и немаме веќе ни малку простор и комоција да дозволиме непромислени одлуки чии последици би ги чувстувале долго во иднина. Антидржавните и антинационалните политики мора да ги оставиме зад нас. Тргување со највисоките државни и национални интереси не смее да се дозволи. Убеден сум дека единствени и сплотени, со јасно зацртана визија и цел, ќе успееме Република Македонија да ја направиме подобро место за живеење за сите нејзини граѓани, држава каква што сакаме да им оставиме на нашите деца.

Доколку пред 26 години сонот на тогашните генерации била независна Македонија, сонот на нашата генерација е економски стабилна и просперитетна држава, единствена, меѓународно признаена и почитувана. Овие цели заедно со добро трасираниот пат кон ЕУ и НАТО се насоките кон кои се стремиме и за кои секојдневно треба да работиме.

Секој од нас има сон и идеи за својата иднина, но најважно од се е идејата за заедничка иднина. Идејата дека само сплотени во единство можеме заедно да изградиме сигурна иднина за успешна Македонија.

Нека ни е честит и вековит Денот на независноста, големиот државен празник 8-ми Септември!



Автор: Администратор
Објавено на: 08/09/2017 10:31