Во Македонија во јули годинава се регистрирани 153.435 туристи, со 584.014 ноќевања, што во однос на јули лани претставува зголемување за 18,3 проценти, односно за 10,9 проценти, објави денеска Државниот завод за статистика.

Во јули годинава споредено со јули минатата година за три проценти е зголемен бројот на домашните туристи, а за 32,8 проценти на странските туристи, кај кои доминираат тие од Турција, Србија, Полска, Холандија, Бугарија и Грција.

Најпосетени биле езерските места, по што следуваат Скопје, други локации, па планинските и бањските места.

Бројот на ноќевањата на домашните туристи, во јули годинава во однос на јули минатата година, е зголемен за 4,4 проценти, а на ноќевањата на странските туристи е зголемен за 26,8 проценти.

Во периодот јануари – јули годинава, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 14,2 проценти. Кај домашните туристи има зголемување за 8,3 проценти, а кај странските зголемување за 17,6 проценти.

Во првите седум месеци од годинава во однос на истиот период лани има зголемување од 11,8 проценти кај бројот на ноќевањата, при што кај домашните туристи за 6,6 проценти, а кај странските зголемување за 17,6 проценти.



Автор: Администратор
Објавено на: 12/09/2017 20:32