Македонските граѓани ќе го достигнат европскиот стандард на живот за 30 години доколку во наредните години има раст на БДП во земјава 4 проценти, а растот во ЕУ да биде 2 проценти.

Ова го покажува најновата студија на Владимир Глигоров од Виенскиот институт која денеска беше презентирана во Скопје.

Тој смета дека за раст на економијата во Македонија најважна е поддршката на домашните компании кои своите производи треба да ги пласираат на странските пазари. Да се вложува во иновативни проекти, во научно-технолошки процеси и да се спроведат активни мерки за вработување.

- Развојот на домашните претпријатија е апсолутно клучно. Странските инвестиции и технологијата се добредојдени, но земјата мора да има сопствен претприемнички потенцијал, рече Глигоров, и додаде дека домашните компании се многу ориентирани на домашниот пазар.

Глигоров смета дека макроекономската рамка е добро поставена и дека политиката на фиксниот курс на денарот е добра и на неа стопанството добро се приспособува и порачува дека има простор за реформи во даночниот систем.

Меѓу препораките што ги посочи се продолжување на инвестициите во инфраструктурата и земјата активно да учествува во Берлинскиот процес.

Според истражувањето, главните проблеми во изминатите 30 години се невработеноста која е траен проблем, нестабилноста, затвореноста на стопанството односно нискиот извоз. Според Глигоров, извозот е генератор и на развојот и на раст на вработувањето.

На презентацијата на студијата што ја организираа Стопанската комора на Македонија и Виенскиот институт присуствуваа премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Според премиерот Заев, презентираната студија е значаен придонес во процесот на креирање на владините политики.

Посочи дека Владата силно ќе ги поддржува домашните претпријатија. Заев истакна за Македонија да стане успешна економија мора да фати чекор со западноевропскиот развиен свет каде и природно припаѓа.

- Покренуваме процес за развој на економијата што ќе го јакне домашното стопанство и ќе генерира квалитетен стандард за сите граѓани на Република Македонија. Подготвуваме план за економски развој од кој придобивка ќе почувствуваат мнозинството граѓани, рече премиерот Заев.

Изрази уверување дека силни домашни претпријатија се столбот на стабилна растечка економија и затоа, посочи, Владата ќе го поддржи нивниот раст и развој. Премиерот е убеден дека нема да треба да се чека 30 години за да се достигне европскиот просек со раст од четири проценти, туку македонската економија може многу повеќе.

Анѓушев го истакна значењето на извозот бидејќи Македонија е мала држава и мала економија и мора да биде извозно ориентирана.

- Сите индустрии во Македонија мора да бидат извозно ориентирани. Извозот учествува со 50 проценти во БДП. Доколку не стигнеме до 70 проценти не можеме да сметаме на сериозен раст на економијата, рече Анѓушев.

Најави дека утре ќе бидат претставени мерките за поддршка на економијата кои имаат три столба.

Студијата која денеска беше презентирана е изработена во рамки на склучената соработка меѓу Стопанската комара на Македонија и Виенскиот институт.



Автор: Администратор
Објавено на: 13/09/2017 12:35