Премиерот Зоран Заев и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска го презентираа владиниот План за економски раст чија цел, како што посочија, е зголемување на конкуретноста на приватниот сектор за да се забрза економскиот раст и да се подобри благосостојбата на граѓаните.
- Со планот се обврзуваме да обезбедиме реални шанси за инвестиции, извоз и конкурентност на претпријатијата со што ќе отвораме можности за повисоки плати и нови работни места во Република Македонија, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Владата.
Премиерот нагласи дека економскиот развој ќе се врши врз основа на шест принципи и тоа ослободување на приватниот сектор од политичките стеги, транспарентност на политиките при нивното спроведување, неутралност и недискриминација и еднаков третман за домашни и за странски инвеститори, добра координација при споведување на одделните политики во рамки на индустриската политика, ефикасност и ефективност на политиките и следење и постојано мерење на резултатите.
- Важни се крајните резултати, не е доволно да ги поставиме само принципите и критериумите. Ќе го мониторираме процесот до крајните резултати. Така ќе имаме насока парите на граѓаните да ги вложуваме на вистински начин, за да дадат вистински резултати, потенцира Заев и нагласи дека веќе е завршено нетранспарентното политичко владеење, протекционизам, фаворизирање, селективност во пристапот,...
Цел на планот, посочи, е раст на приватните странски и домашни инвестиции, раст на вработеноста, раст на ефикасноста, продуктивноста и конкурентноста на приватниот сектор, зголемување на извозот и регионалната деловна поврзаност, раст на материјалната благосостојба на граѓаните и раст на БДП.
- Засилената добрососедска и регионална соработка и добрите односи со земјите членки на ЕУ и НАТО веќе ги даваат првите резултати на зголемен интерес за инвестирање во Република Македонија. Создаваме стабилна бизнис клима и одржлив економски модел што Македонија ја позиционира како крајна и стабилна бизнис дестинација за инвестирање.
Рече дека ќе се инсистира на раст на платите како еден од двигателите на економскиот раст, а центарот на планот за раст на економијата, потенцира се инвестициите, извозот и конкурентноста. Ќе се понудат јасни програми со јасни критериуми еднакви на сите за привлекување странски директни инвестиции, но и за раст на домашните инвестиции. Во фокусот ќе бидат малите и средните претпријатија, кои, додаде, се двигатели на економијата и максимално ќе се поддржат.
- Подготвивме сеопфатна програма за подобрување на опкружувањето за деловно работење. Македонија ќе се препознава како пријателска земја за бизнис во која како такви ќе се препознаат и мерките за прилагодување на образовниот процес и на програмите на факултетите кон потребите и барањата на стопанството, посочи премиерот Заев.
Во програмата за економски раст, истакна вицепремиерот Анѓушев, е исклучена секаква дискреција и таа е максимално транспарентна и ориентирана кон резултати.
- Тоа знечи дека ќе бидат поддржани оние економски субјекти што ќе испорачаат резултати. Тие ќе мораат да аплицираат за програмата само доколку покажат раст на приходите и доколку не го намалат бројот на вработени. Наша цел е да ги поддржиме копаниите што можат да испорачаат раст на македонската економија. Нема да важи за сите компании кои се веќе на некој начин бенефицирани, а тоа се компаниите кои работат регулирани дејности, лиценцирани дејности и кои имаат добиено концесии, посочи Анѓушев.
Првата група мерки, појасни, мерки за поддршка на целата економија во која се опфатени сите компании без разлика дали се домашни или странски и без разлика дали се во ТИРЗ или надвор, втората група мерки се за дополнително стимулирање на извозно ориентираните компании, а третата за поддршка на малите и на средните претпријатија.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека главен критериум за добивање помош од државата ќе биде резултатот од работењето, односно ќе бидат помогнати оние компании кои се подготвени да испорачаат раст на приходот во текот на тековната година.
- Секоја компанија која ќе отвори нови работни места ќе биде поддржана само доколку даде плата повисока за 50 отсто од минималната, односно над 18.000 денари и тоа 10 отсто од нето вредноста на платата ќе биде вратена на инвеститорот. Кој колку поголема плата ќе дава повеќе ќе биде субвенциониран до 16 проценти од вредноста на платата. Секој кој ќе даде плата двојно повисока од просечната на високообразован кадар, односно над 45.000 денари ќе му бидат вратнеи 20 отсто од парите за плата. Странските директни инвеститори што ќе набават над 10 одсто од производните импути од домашни фирми над просекот од последните три години ќе им се врати еден отсто од вредноста на набавките. На компаниите што ќе ги донесат нивните развојни центри во земјава државата ќе им покрива 20 отсто од платите на вработените и 30 отсто од вредноста на новонабавената опрема. Секоја компанија што ќе покаже раст во последните три години и намалување на бројот на вработени ќе може да биде поддржана со 10 отсто од вредноста на инвестициите што ги направила во претходната година доколку приходот и порасне во споредба со претходните три години, посочи Анѓушев.
За привлекување на големите компании ќе има таргетирани програми, но ќе можат да ги користат интернационални компани со приход од над една милијарда евра годишно. Постојните компании во Македонија, пак, ќе можат да ги користат мерките за креирање работни места и за вработување на високоплатен кадар. Секоја компанија која во редовна постапка ќе купи компанија што западнала во стечај или ликвидација по нејзиното рестартирање ќе може да смета на 10 отстотен поврат на средствата што ги вложила за купување.
- Со мерките за поддршка на извозот се предвидува фирмите што ќе остварат годишен раст на извозот од најмалку 5 проценти во однос на последните три години ќе добијат дополнителна финасиска поддршка од 10 отсто за покривање на трошоците за остварување на растот, но не повеќе од 3 отсто од зголемувањето на извозот. Државата ќе биде и партнер во освојување на нови пазари преку поддршка на сами, патувања и тет-а-тет средби, но по постигнување на резултати. МБПР ќе поддржи краткорочно кредитирање и издавање на гаранции за извозниците и осигурување на извозот. За тоа МБПР ќе изготви специјална програма. Поддршката на мали и средни претпријатија ќе се состои од финасиска поддршка за покривање на 30 отсто од директните трошоци кои не се однесуваат на плати и набавки од домашни јавни претпријатија. Овие претпријатија ќе можат да ги користат и претходните мерки, прецизира Анѓушев.
Во наредните две до три недели ќе биде организирана јавна дискусија со стопанските комори, финансиските институции, МАНУ, универзитетите и сите оние кои сметаат дека можат да дадат придонес. Тие ќе може да достават писмени забелешки на Планот, а потоа сетот мерки ќе биде претпочен во владина програма и ќе стапи на сила.
Првите резултати од пакетот мерки се очекуваат во 2018 година, а ќе се однесуваат на резултатите од работењето на компаниите од 2017 година.
Мерките ќе можат да ги користат сите компании кои досега не биле субвенционирани.