Дваесет тони прехранбени производи од четири македонски компании ја сочинуваат првата пратка што тргна денеска од Македонија за Русија, договорена за пласман преку Македонскиот изложбено трговски дом лоциран во „Фуд сити“ во Москва.

Дејан Бешлиев, извршен директор на Македонско-руската стопанска комора, информира дека првата пратката ја сочинуваат вода, бисквити, соленки, производи од конзервната индустрија... на фирмите „Вори“, „Горска“, „Свислион“ и „Гранд експорт“ и оти преку трговскиот дом во процедура се уште извози од фирми од Македонија.

- Земјоделството опфаќа 70 проценти од извозот на Македонија во Руската федерација. Се надеваме дека со овој чекор и извозот преку трговскиот дом годинава ќе се надмине вредноста на ланската трговска размена меѓу двете држави, која изнесуваше 200 милиони долари, како и дека освен земјоделските ќе бидат застапени и производи од други гранки, изјави Бешлиев.

Според Никола Јовановски од Гранд експорт, со промоцијата преку трговскиот дом ја реализирале страгијата за пласман на рускиот пазар и веќе имаат контакти и најави за склучување директни договори со големи ланци маркети и големопродажни компании од Руската федерација и од држави од Евроазискиот сојуз.

- Најголеми можности покрај земјоделските имаат и производите од кондиторската индустрија, рече Јовановски.

Како што потенцира Благоја Цветковски од „Свислион“, сертификацијата на квалитетот на производите поминала како што треба и тие ги добиле потребните дозволи за пласман на рускиот пазар, каде гледаат голем потенцијал за извоз.

- Се надевам дека се ќе помине во најдобар ред и оваа приказна ќе биде успешна и долгорочна. Овие четири компании го трасираат патот за Русија а другите нека се осмелат и нека не следат, изјави Цветковски, кој беше дел од бизнис делегацијата од Македонија која изминатата недела учествуваше на саемот „Фуд сити“ во Москва.

Тринаесет компании од Македонија досега склучиле договор со Македонскиот трговски дом во Москва, отворен пред шест месеци, како место за промоција, изложба и директна продажба на производи од домашни фирми. Таму имаат директни контакти со над 300 синџири маркети, како и програма за месечно запознавање со 30-ина ланци маркети со над 20.000 продавници.



Автор: Администратор
Објавено на: 15/09/2017 13:16