Понудата за преземање на „Макпетрол“ АД Скопје дадена од „Балкан Петролеум“- Холдинг Лимитед уште од самиот почеток се третира и обработува професионално, стручно и одговорно, што е единствено прифатливо за Претседателот и комисионерите, како и за Стручната служба, а е потврдено и од второстепениот орган кој одлучува по жалба на странките во повисок степен, се вели во соопштението на Комисијата за хартии од вредност (КХВ) на РМ во врска со понудата за преземање на „Макпетрол“.

– Како независно регулаторно тело на пазарот на хартии од вредност кое се грижи за законит, чесен и транспарентен пазар, како и за заштита на правата на акционерите и на инвеститорите, а се со цел постојано јакнење на довербата во институциите на пазарот на хартии од вредност во земјава, информираме дека во јавноста беа изречени невистини во однос на постапувањето на КХВ во врска понудата за преземање на Макпетрол АД, истакнуваат од Комисијата.

Според нив, КХВ на барањето за преземање, постапува целосно одговорно и професионално, исклучиво согласно законската регулатива што важи во Република Македонија, односно според Законите за преземање на акционерски друштва, за хартии од вредност, за општата управна постапка и Кривичниот законик, како и сите релевантни законски акти.



Автор: Администратор
Објавено на: 21/09/2017 17:50