Од 29-ти септември до 1-ви октомври во комплексот Македонско село, по втор пат ќе се оддржи „Фестивал на виното“.
За време на трите фестивалските дена, комплексот ќе биде место каде гостите ќе можат да уживаат во врвните вина од најдобрите винарии, искомбинирани со вкусни специјалитети и деликатеси и богатата музичка програма во единствениот и автентичен амбиент на комплексот.
Публиката ќе ја забавуваат многу познати музички имиња како Тамара Тодевска, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Дарио, Лидија Кочовска,Љубојна, Чалгија Соун Систем, Караваниа и др.
Организаторите изјавија дека водени од желбата за придонес во афирмацијата на винската култура во Македонија, развој и негување на култот кон виното, претставување и промоција на најдобрите винарии, и вкусните специјалитети и деликатеси, ќе ја продолжат приказната која ја започнаа минатата година, со надеж дека фестивалот ќе прејде во традиција која ќе се негува уште многу години. Воедно, ги повикаа сите страсни љубители на виното да го посетат фестивалот и повторно да наздравиме заедно за уште една незаборавна приказна!
ЗА ВИНСКАТА ТРАДИЦИЈА НА МАКЕДОНИЈА...
Во Македонија виното има статус на национална гордост, а тоа се должи на вековната традиција за производство на овој благороден пијалак во нашите краеви. Македонците со векови ја користеле плодната почва и исклучително поволните климатски услови за одгледување на свежи и хармонични сорти бело грозје и квалитетни црвени сорти со овошна арома.
Денес, може да бидеме горди на македонските винарии кои произведуваат врвно вино - црвено, бело и розе, суво и слатко, како и пенливо и мирно.
Меѓу бројните винарии во Македонија своето место на врвот го најдоа најпознатите Тиквеш, Камник, Бовин, Стоби, Сопот, Сковин, Лозар.