Во традиционалниот дух на македонската архитектура од 19-от и 20-от век целосно се доживува Македонската приказна низ сокаците на овој комплекс дополнети со прекрасен амбиент, поглед на Скопје, чист воздух и совршена релаксација за секој посетител.

Претпоставувате, станува збор за едно од најубавите места кое Скопје ги има - Комплекс Македонско село.

Вечната љубов кон виното и неговиот безвременски вкус, вкусните специјалитети и деликатеси подготвени од врвните мајстори на кујната, во комбинација со сите убавини и епитети кои се содржани во Македонско село се дефиниција за идеална дестинација за одличен викенд.

Причина плус да го посетите комплексот Македонско село овој викенд е и продолжението на приказната која започна минатата година наречена „Фестивал на виното“.

Од петок до недела (29-ти септември - 01 октомври) комплексот ќе биде место каде гостите ќе можат да уживаат во врвните вина од најдобрите винарии, искомбинирани со вкусни специјалитети и богата музичка програма во единствениот и неповторливиот амбиент на комплексот.

Публиката ќе ја забавуваат многу познати музички имиња како Тамара Тодевска, Нокаут, Игор Џамбазов и Гуру Харе бенд, Дарио, Лидија Кочовска,Љубојна, Чалгија Соун Систем, Караваниа и др.

Организаторите изјавија дека водени од желбата за придонес во афирмацијата на винската култура во Македонија, развој и негување на култот кон виното, претставување и промоција на најдобрите винарии и вкусните специјалитети и деликатеси, ќе ја продолжат приказната која ја започнаа минатата година, со надеж дека фестивалот ќе премине во традиција која ќе се негува уште многу години.

Дефинитивно, викенд изборот за сите страсни љубители на виното и за сите кои сакаат релаксација на крајот од работната недела е Македонско село.

Наздравје, за уште една незаборавна приказна!



Автор: Администратор
Објавено на: 25/09/2017 04:01