Најмалку шест ракети експлодирале денеска во кругот на меѓународниот аеродром во авганистанскиот главен град Кабул, за време на пристигнувањето на американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Германската новинска агенција ДПА, јави дека летови биле одложени поради ракетниот напад, а нема информации дали летовите на високите посетители биле доведени во опасност. Според повеќе извори и очевидци, аеродромот бил нападнат со 20 до 30 ракети и минофрлачки гранати кои паднале на делот на аеродромот што го користи авганистанската армија, при што армиски хеликоптери биле испратени да интервенираат кон локацијата.
Нападот доаѓа во време кога Матис и Столтенберг треба да се сретнат со авганистанскиот претседател Ашраф Гани, за да ја договорат натамошната поддршка за вооружување и обука на авганистанска армија, како и планираното испраќање на 3.000 нови американски војници во земјата.