Францускиот претседател Емануел Макрон вчера промовираше предлози за реформи на Европската унија, кои треба да му помогнат на блокот да се справува со предизвиците во иднина.
Макрон порача дека на Европа и се потребни поголеми амбиции, а не помали, јасно нагласувајќи дека е потребна „суверена, обединета и демократска Европа“, како клучен фактор за справување со подемот на екстремната десница.
Францускиот претседател во својата иницијатива наведе неколу клучни точки за реформи, од кои како прва ја потенцира потребата од „Европа на повеќе брзини“, со цел „поспорите земји да не го забавуваат движењето напред на побрзите“.
Макрон предложи и мерки за зајакнување на Еврозоната, која според него, треба да има сопствен буџет, бидејќи „еврото има централно значење за европската интеграција“.
Шефот на француската држава не ја одмина ниту енергретската безбедност на ЕУ и во тој контекст и екологија, залагајќи се за диверзификација на изворите на енергија во Европа, како можност за намалување на емисиите на штетни гасови, согласно препораките од Парискиот договор за климата.
Макрон не ги заборави ниту европските прозводители, предлагајќи Брисел да воведе заштитни механизми кон државите што нема да ги почитуваат стандардите на ЕУ.
Според Макрон, неизбежно е и „одвојување на САД од европската политика“, па затоа ЕУ нема други избор освен да обезбеди услови за сопствена одбрана, која нема да се потпира само на НАТО.
– Во следната деценија треба да се формираат и заеднички европски сили за брзи интервенции, изјави Макрон,
Тој се осврна и на проблемот со мигрантскиот прилив во Европа, предлагајќи создавање на заедничка европска политика за доделување азил.
Макрон не ги одмина ни структурните реформи на европските институции, предлагајќи намалување на бројот на членовите на Европската комисија на само 15, како што е и предвидено со Лисабонскиот договор, но и измена на изборната легилставива за Европарламентот со воведување на транснационални кандидатски листи за европратеници.
Ваквите предлози на Макрон беа промовирани само два дена по парламентарните избори во најголемата земја во ЕУ, Германија, без чија согласнот ќе биде невозможно спроведување на какви било реформи во блокот.
Макрон побара неговите предлози да бидат внимателно изанализирани. свесен дека тие не се целосно прифатливи за најверојатните нови коалициски партнери на германската канцеларка Ангела Меркел.
Предлозите на Макрон доаѓаат во време кога ЕУ се повеќе покажува позитивни економски резултатит, но се соочува и со многу предизвици како на внатрешен, така и на надворешен план. Тука, пред се се преговорите за Брегзит и последиците од него, мигрантскиот прилив и растот на популизмот, на внатрешен и настаните на Блискиот Исток и Украина и односите со Русија и Турција, на надворешен план.
Макрон не е првиот, кој се обидува да внесе оптимизам околу идите потенцијали на ЕУ по неколкуте тешки години, но тој прв излезе со конкретни идеи за изградба на нова визија на континентот и за заживување на европскиот дух.
Но, она што е уште позначајно, е тоа што со оваа иницијатива Макрон се обидува да ја наметне Франција како рамноправен партнер со Германија во раководењето на европската локомотива.