Авганистанското Министерство за внатрешни работи соопшти дека пет цивили се повредени во денешниот напад врз аеродромот во Кабул, извршен додека таму слетуваа американскиот секретар за одбрана Џејмс Матис и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

Повеќе ракети и минофрлачки гранати биле истрелани врз аеродромот, при што една ракета паднала во близината на куќа, каде се повредени повеќе цивили, вклучително и најмалку една жена.

И талибанците и Исламска држава преземаа одговорност за нападот, преку соопштенија објавени на социјалните мрежи, при што талибанците тврдат дека стрелале директно врз авионот на Матис.

Според очевидци Матис и Столтенберг не биле во директна опасност од нападот. Тие се во Авганистан на средби со претседателот Ашраф Гани и други авганистански лидери за да ја договорат натамошната западна помош за опремување и обука на авганистанската армија како и да разговараат за испраќањето на дополнителни 3.000 американски војници во земјата.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/09/2017 16:31