Рускиот претседател Владимир Путин денеска ќе допатува во официјална посета на Анкара.
Тој и неговиот турски колега Реџеп Тајип Ердоган ќе остварат билатерална средба во претседателскиот комплекс во Анкара каде ќе разговараат за глобалните и регионалните прашања, како и за подобрување на односите меѓу двете земји.
Важна тема во разговорите ќе бидат случувањата во Сирија и во Ирак. Двајцата лидери претходно оваа недела остварија телефонски разговор и го потенцираа зачувувањето на територијалниот интегритет на Ирак и Сирија.
Ердоган и Путин ќе се осврнат и на референдумот што го спроведоа ирачките Курди.
На средбата ќе се разменат мислења за чекорите што треба да се преземат во наредниот период за подобрување на економските односи меѓу Турција и Русија. Друго важно прашање на агендата на Ердоган и Путин е системот за воздушна одбрана на С-400, осврнувајќи се на нивна набавка и копродукција. Покрај енергетските проекти, како што се електричната енергија и нуклеарната централа Акују, ќе бидат преземени чекори за инвестиции во производство на храна, туризмот, како и олеснување на процесот за добивање визи меѓу двете земји.
Двајцата претседатели последната официјална средба ја одржаа на 3 мај 2017 година во Сочи, Русија.