МЗТ Скопје и Партизан одиграа квалитетен и возбудлив натпревар во салата „Јане Сандански“ пред повеќе од 4.000 гледачи. Во новата сезона на АБА-лигата домашната екипа триумфираше со резултат 92-89.

Натпреварот беше неизвесен до самиот крај, победникот го решаваше една топка, а на крајот победата ја понесе домашната екипа. Во текот на средбата екипите често го менуваа водството, имаа добри и лоши моменти, кои му даваа дополнителна убавина на натпреварот. Партизан од Белград во неколку наврати имаше двоцифрена предност, а во финишот на третиот дел имаш разлика од плус шест (61-67), но тоа беше само предизвик за македонскиот шампион. Бојан Трајковски ги одигра неговите пет минути со блокада, тројка, скок во напад и кош, а Дамјан Стојановски постигнуваше кошеви од секоја позиција, па МЗТ Скопје направи серија од 14-2 за највисока разлика од пет (75-70) на пет минути пред крајот на натпреварот.

Во самиот финиш на средбата салата стана многу бучна бидејќи секој го бодреше неговиот тим. Имаше неколку наизменично реализирани напади, но по две добри одбрани на „сино-белите“ и забивањето на Брет Бејли направија ерупција на трибините, а на семафорот резултатот беше 85-80 за домаќините на 90 секунди пред крајот. Завршницата беше пеколна, а на крајот радоста беше огромна за домашната екипа.

Најефикасни во екипата на МЗТ Скопје беа Стојановски со 23 поени и Трајковски со 20 поени и 14 скока, а одлична партија одиграа и Ерик Гарсија со 17 поени и девет асистенции и Данил Џенсен со 14 поени. Јуре Лалиќ постигна десет поени и имаше седум скока.

Кошаркарите на македонскиот шампион немаат многу време за да се радуваат на оваа победа, во вторник ќе гостуваат кај секогаш незгодниот противник ФМП, а следниот натпревар е на деветти октомври, кога во Скопје ќе гостува Задар.



Автор: Администратор
Објавено на: 30/09/2017 16:35