Кабинетот на шпанскиот премиер Маријано Рахој вечерва реагираше на говорот на каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон, соопштувајќи дека ако тој сака преговори или посредување мора прво да го почитува законот.
– Доколку Пуџдемон сака да разговара или преговара, или сака посредници, тој совршено добро знае што мора прво да направи: да се врати на законот. Владата нема да прифати преговори за нешто илегално, а нема да прифати и уцени, се посочува во соопштението.
Претходно, Пуџдемон апелираше до шпанската Влада да прифати посредување со цел да се изнајде излез од најдлабоката политичка криза во која се најде земјата по повеќе децении.
– Ова е момент кога е потребно посредување. Добивме разни понуди во изминатите часови и ќе добиеме уште. Сите тие знаат дека сум подготвен за отпочнување на процесот на посредување, посочи Пуџдемон во неговото обраќање, кое се пренесуваше на телевизија,
Тој повтори дека „дијалогот и договорот се дел од политичката култура“ на Каталонците.
Се очекува каталонскиот Парламент еднострано да прогласи независност од Шпанија в понеделник, по референдумот одржан на 1 октомври, што шпанската Влада и судови го прогласија за незаконски.
– Сигурен сум дека во следните неколку денови ќе го покажеме нашето најдобро лице, кога институциите на Каталонија ќе мора да ги применат резултатите од референдумот, посочи Пуџдемон.
Тој Владата на шпанскиот премиер Маријано Рахој ја нарече неодговорна бидејќи не прифатила посредување за решавање на кризата по референдумот, а шпанскиот крал Фелипе го обвини дека „намерно ги игнорира милионите Каталонци“.
Претседателот на Каталонија го осуди насилството на полицијата која се обиде да го попречи одржувањето на референдумот за независност.
– Референдумот беше одржан под репресија без преседан, потенцира Пуџдемон.