Неколку илјади противници на независноста на Каталонија се собраа денеска на „патриотски маршеви“ пред седиштата на локалните власти на Мадрид и Барселона.
Учесниците на собирите беа облечени во бели алишта, почитувајќи го повикот на организаторите да не носат никави национални или регионални одбележја на себе, ниту пак знамиња на Шпанија или Каталонија.
„Патриотските маршеви“ беа одржани под мотото „Да разговараме“, како што се нарекува и граѓанската иницијатива што ги организираше собирите.
– Шпанија е многу подобра од своите лидери. Сега е момент да се собереме и да им кажеме дека се неспсобни и неодговорни, се наведува во Манифестот на иницијативата „Да разговараме“, кој од утрово го потпишале над 9.000 лица.
На собирот во Мадрид учествуваше и добитникот на Нобеловата награда за литература Марио Варгас Љоса, кој оцени дека каталонскиот сепаратизам претставува „болест“.
Денешните собири се одржаа во време кога и Мадрид и Барселона се обидуваат да ги смалаат тензиите предизвикани со одржувањето на референдумот за независност на Каталонија на 1 октомври.
Шпанската Влада синоќа упати извинување од жителите на Каталонија поради стотиците повредени лица при обидите на националната полиција за попречување на референдумот, додека каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон го откажа обраќањето пред регионалниот Парламент во Барселона, што беше најавено за во вторник, кога се очекуваше да прогласи независоност на регионот.
Медимите во Шпанија оценуваат дека засега не е познато каков потег ќе преземе Пуџдемон следната недела, во услови кога е изложен на притисок од страна на сепаратистите за „почитување на одлуката на референдумот“ и за прогласување независност на Каталонија.
Тој уште претходно повика на меѓународно посредништво за надминување на спорот меѓу Мадрид и Барселона. Швајцарија вчера се понуди да посредува во овој дијалог, но Мадрид одбива какви и да било разговори со каталонските регионални лидери се додека тие не се откажат од идејата за независност на Каталонија.
Каталонскиот министер за територијален и одржлив развој Санти Вила во авторски текст во барселонскиот весник „Ара“ повика на „прекин на огнот“ со централната влада во Мадрид и побара да се размисли за „ползата и последиците“ од прогласувањето на независност на Каталонија.