Власта целосно го инструментализира граѓанскиот сектор во пресрет на изборите.
Министерството за финансии на 5-ти октомври, во втората недела од изборната кампања, распределило 5 милиони денари на сметките на невладините организации. Претходно, откако се распишани изборите, владата на невладините организации им распредели сума од близу 1 милион евра. Нејасно и неодговорено досега е зошто ова се прави за време на изборна кампања?!
Јавноста има право да знае зошто се трошат овие средства. Покрај секојдневните прозивки, министерот за финансии Тевдовски не собра храброст да даде одговор по кои критериуми ги распределиле средствата? За што се користат милионските суми кои ги префрлиле на сметките на невладините организации, а нема одговор ниту какви проекти понудиле за да ги добијат средствата.
Ваквиот индолентен однос на владата и недостигот на транспарентност и отчетност, буди основани сомнежи кај јавноста и наметнува многу прашања.
Министерот Тевдовски треба јавно да одговори: дали средствата се доделуваат во изборна кампања за власта да добие поддршка од невладиниот сектор за изборните насилства? Дали овие средства се доделуваат заради тргување со гласови или можен изборен инженеринг? Дали министерството за финансии добило позитивно мислење од антикорупциската комисија за распределбата на овие средства на средина од изборната кампања?
Почитувани,
Цивилниот сектор треба да е коректив на власта и никој нема право, особено во земја во која владее демократија, да се обиде да го поткупи во било која форма, особено не, во период на избори. Не треба да заборавиме дека воспоставено цивилно општество треба да е противтежа и ограничувачки фактор на носителите на државната власт да не се наметнат било какви недемократски форми над општеството.
Затоа, секој оној, што во било кој момент помислил да изврши трговија со гласовите на граѓаните или обид да го купи граѓанскиот сектор, за да добие поддршка за изборните насилства, врши грубо кршење на демократските принципи, повреда на човековите права и слободи, повреда на изборниот процес, за што треба да понесе одговорност пред Уставот и законите.
Јавноста никој не смее да ја потценува. Граѓаните ги следат овие неумесни политики на СДС и на 15-ти октомври ќе го кажат своето мислење преку остварување на избирачкото право.