Повеќе од 350 илјади луѓе, според информациите на полицијата, се собраа денеска во центарот на Барселона на протест против прогласувањето независност на тој регион од Шпанија.
Организаторите на протестот тврдат дека имало повеќе од 900.000.
Многу од нив носат шпански и каталонски знамиња и транспаренти „Каталонија е Шпанија“ и „Заедно сме посилни“. Протестите се одржуваат под мотото: „Доста е! Да се вразумиме!“ и ги организира Каталонското цивилно друштво.
– Каталонија и Шпанија се обединети пет векови. Никој и ништо не може да ги раздели, нагласи нобеловецот за литература Марио Варгас Љоса.
Тој изјави дека големиот број денешни демонстранти укажува дека „голем број Каталонци се против независноста, превратот и го поддржуваат Уставот, законите и правната држава“.
Се очекува Љоса (81) на крајот од протестот да прочита манифест.
Пред една недела во Каталонија се одржа референдум за независност кој шпанскиот суд го прогласи за неуставен. Референдумот го одбележа полициско насилство и голем број повредени граѓани и полицајци.