Каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон вечерва пред регионалниот парламент во Барселона изјави дека Каталонија ги почитува резултатите од референдумот одржан на 1 октомври.

Тој ги поздрави повиците за дијалог и предложи „суспендирање на прогласувањето независност, за во пракса да се работи на спроведување на резултатите од референдумот“.

– Денеска правиме гест на одговорност, заради продолжување на дијалогот, истакна Пуџдемон од говорницата на каталонскиот Парламент.

На почетокот од својот говор тој нагласи дека би сакал да ја анализира ситуацијата по резултатите од референдумот од 1 октомври и да ги објасни последиците од гласањето.

– Денеска, стојам пред Каталонија и светот. Живееме во историски момент. Шпанија сакаше да не направи мали, но Каталонија е европска. Нема да се заканувам, моментот е сериозен. Мораме да преземеме одговорност. Сите ние сме еден народ, но има работи околу кои не се согласуваме. Не се согласуваме околу се, но разбираме дека мора да го почитуваме мирот и демократијата, луѓето кои размислуваат поинаку од нас. Мораме да имаме дијалог, истакна Пуџдемон.

Тој им заблагодари на сите, додавајќи дека „ова не е лична одлука, туку е резултат на референдумот и волја на нашата Влада“.

– Каталонците гласаа, не се плашеа. Полицајците кои сакаа да ги запленат гласачките кутии, не успеаја. Притисокот врз нашите политичари не успеа. Гаснењето на нашата веб страница не успеа. И покрај тоа што се обидуваа да го оневозможат референдумот, Каталонците добија можност да гласаат. Би сакал да им се оддолжам, да им се заблагодарам на сите кои овозможија да дојде до гласање, додаде каталонскиот лидер во својот говор.

Тој се осврна на насилството во текот на одржувањето на гласањето, нагласувајќи дека „никогаш нема да ги заборавиме сликите од полициското насилство, никогаш“.

– Тоа што го направи нашата држава, ги загрижи Каталонците. Има такви кои и денес се преплашени од она што се случи и од она што ќе се случи. Уште сега некои корпорации зборуваат за преселување од Каталонија. Тоа не би имало голем ефект врз нашата економија, туку парите кои ги испраќаме во Мадрид. Би сакал да ги смирам сите вознемирени. Каталонската Влада и натаму ќе се залага за толеранција и почитување на другите. Тоа е моја одговорност како претседател, истакна Пуџдемон.

Според него, Каталонија е економски мотор на Шпанија.

– Веруваме дека тоа може да биде добра основа за автономија и развој на Каталонија, но се покажа дека оваа машина била цел на Мадрид, а не појдовна точка. Од тој момент, целата ситуација назадуваше, објасни каталонскиот лидер.

Пуџдемон изјави дека „во 2010 година Уставниот суд кој беше избран од најголемите политички партии одлучи дополнително да ја ограничи нашата регионална автономија, и тоа покрај Уставот, кој ние го почитувавме и кон кој се придржувавме. Не понижија. Го отфрлија гласот на народот“.

– Шпанската Влада повторно го покрена процесот на централизација, постепено одземајќи ни ја автономијата, закон по закон. Имаше тука и многу антипатии за нашиот јазик и култура. Многумина дојдоа до заклучок дека единствен начин да ги зачуваме своите вредности е тој да станеме држава. Резултатите од тој неодамнешен референдум тоа и го потврдуваат, нагласи каталонскиот претседател.

Пуџдемон потенцира дека „Каталонците се тие кои мораат да ја одредат својата иднина, а не Мадрид. Осумнаесет пати се обидувавме да организираме референдум, како оној во Шкотска. Ако тоа беше можно во Обединетото кралство, зошто не е во Шпанија?“.

Тој смета дека „одговорот на Шпанија беше полициска и политичка репресија“.

– Шеснаесет службеници од каталонската Влада се уапсени. Се најавуваат огромни казни, финансиски и затворски, истакна Пуџдемон.

– Долги години бараме слобода да одлучуваме, но не успеавме да најдеме соговорници во властите – дури ни сега. Наша последна надеж беше монархијата да биде посредник во преговорите, но минатата недела и таа надеж пропадна, истакна тој.

Пуџдемон додаде дека е ставен акцент на преговорите.

– Ние не сме крадци, не сме лудаци, не организираме државен удар – ние сме обични луѓе кои бараат право на глас. Немаме ништо против Шпанија, напротив, сакаме унапредување на односите. Сега се во криза. На референдумот го освоивме правото да бидеме независна држава и да се слуша нашиот глас. Тоа го сакаме! Да не почитуваат и да не слушнат, истакна каталонскиот лидер.

Тој нагласи дека е подготвен да чекори по патот на независноста.

– Први октомври ја смени ситуацијата. Сега сме на историска крстосница. Како претседател, ги ставам пред вас резултатите од референдумот и го прифаѓам мандатот Каталонија да биде независна држава, изјави Пуџдемон на крајот од својот говор.



Автор: Администратор
Објавено на: 11/10/2017 22:00