Во интервјуто, Никола Груевски најавува дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија повторно ќе победи на изборите на 11 декември, и дека земјата со тоа излегува од периодот на политичка неизвесност. Според ова водечко американско списание од областа на економијата, Македонија успеала успешно да ја преброди и мигрантската криза и притоа да привлече поголем број инвеститори од САД и од други земји, и да ја намали стапката на невработеност.

– Следат избори во декември. Точно е, ние поминавме низ тешка криза, која се уште не е целосно завршена. Но, во ниту еден момент не престанавме да работиме со бизнис заедницата. Нашата економија продолжи да расте. Не го нарушивме кредитниот рејтинг. Убедивме неколку нови компании да инвестираат во Македонија. Нема да биде совршено, но мислам дека земјата сега оди во подобра насока. Да видиме што ќе кажат гласачите, вели Груевски во интервјуто за Форбс.

Списанието ја претставува македонската даночна политика како клучен фактор кој придонел да се развијат слободните индустриски зони, да се привлечат компании од автомобилската индустрија и со тоа да се смени структурата на македонскиот извоз кон производи со повисока вредност. Груевски, кој неодамна беше во посета на Вашингтон и Њујорк, за Форбс вели дека и во екот на политичката криза Македонија не престанала да работи на привлекување на странски инвестиции, при што нови фабрики се отворале и во време на кризата. Очекувањата се дека во 2016 година извозот од слободните индустриски зони ќе надмине две милијарди евра.


Форбс: Како малата Македонија се справи со мигрантската криза

– Во 2015 година од слободните економски зони имавме извоз од околу една и пол милијарда евра, што претставува 36 проценти од нашиот вкупен извоз. Поради тоа, овие зони се многу важни за нас и направија Македонија да биде атрактивна извозна дестинација. Последните податоци од јануари до септември покажуваат раст на извозот за 19,2 проценти во споредба со истиот период минатата година. Американските корпоративни инвестиции доаѓаат главно од автомобилската индустрија. Џонсон Контролс отвори две фабрики во Македонија во 2015 година, за време на кризата. Кемет Електроникс од Јужна Каролина исто така е активен во Македонија и отвори фабрика во Скопје. Ки Сејфти Системс, компанија од Мичиген која произведува воздушни перничиња, почна да работи во технолошката индустриска зона во Кичево. Амфенол е компанија во Масачусетс која веќе има две браунфилд постројки и работи на нова гринфилд инвестиција, вели Груевски.



Автор: Администратор
Објавено на: 26/10/2016 00:13