Министерот за економија Дритон Кучи денеска на повеќе компании им додели решенија за исплата по мерки од Програмата за конкурентност, иновации и претприемништво за 2016 година, односно субвенции за сертификација на системи за квалитет според ИСО стандардите, за воведување, одржување и модификација на HACCP систем, за женско претприемништво и за поддршка на занаетчии.
– Се надевам дека овие скромни субвенции што ги доделуваме ќе претставуваат финансиски придонес кој ќе овозможи прогрес на вашиот бизнис, порача министерот Кучи во поздравниот говор пред доделувањето на решенијата.
Тој истакна дека микро, малите и средните пртпријатија се главен двигател на секоја економија.
– Микро, малите и средните пртпријатија учествуваат во македонската економија со 99 отсто од вкупниот број претпријатија, апсорбирајќи дури 75 отсто од вкупниот број вработени со што се потврдуваат како важни креатори на општествениот производ. Во денешно време интензивната конкуренција и специфичните потреби за одредени производи и услуги создадоа нови можности така што обемот на производство останува помалку важен предуслов на сметка на улогата на малите бизниси и можностите на занаетчиство, рече Кучи.