Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека Хрватска е важен партнер на Москва и ја потенцираше посебната врска меѓу двете земји на економски план.

По средбата во Сочи со хрватската колешка Колинда Грабар-Китаровиќ, Путин синоќа во Москва изјави дека во Хрватска работат руски банки, Сбербанка и ВТБ банка, кои му помогнале на „Агрокор“.

– Руско-хрватската економска соработка е можна и при изградбата на бродови, изјави Путин.

Претседателот на Хрватската стопанска комора Лука Бурловиќ, кој ја предводи делегацијата од 90 хрватски фирми во Русија, изјави дека освен бродови, најголемиот дел од извозот на хрватските производи во Русија се однесува на лекови, козметика, опрема, електрични трансформатори и некои видови бродови.

Колинда Грабар-Китаровиќ истакна дека Русија е добредојдена во Иницијативата три мориња.

– Исклучителен е растот на стокова размена и покрај санкциите. Ги поздравив сите руски вложувања, посебно интересот за инвестиции во областа на енергетиката, истакна хрватската претседателка.

Претходно, на средбата во Сочи, Путин рече дека Хрватска е важен партнер на Русија во Европа и на Балканот.

– Разговорот со претседателката на Хрватска беше конструктивен и ги потврди намерите на нашите две земји за развој на соработката во сите правци, истакна Путин на заедничката прес-конференција.

Тој истакна дека на средбата се разгледувани конкретни мерки за натамошен развој на билатералната соработка, а посебно внимание е посветено на економските врски.

Путин наведе дека минатата година, трговската размена меѓу Русија и Хрватска изнесувала 898 милиони долари, и дека во првата половина од оваа година се зголемила за 64 отсто.



Автор: Администратор
Објавено на: 19/10/2017 15:04