Претставници на конзервативнот блок на Христијанско демократската унија (ЦДУ) и Христијанско социјалната унија (ЦСУ), на либералната Слободна демократска партија (ФДП) и на алијансата Зекени, денеска ги започнаа првите тристрани преговори за формирање нова владина коалиција во Германија.

Главни теми на овие први заеднички преговори за формирање на т.н. „Јамајка“ коалиција, наречена според боите на трите партии – црна, жолта и зелена, кои се поклопуваат со боите на јамајканското знаме, според најавите, ќе бидат прашањата за даноците и за буџетот.

Преговорите за формирање на нова влада на Германија започнаа во средата со одвоени средби на претставници на ЦДУ/ЦСУ со либералите и зелените, а на денешните тристани разговори се вклучи актуелната премиерка Ангела Меркел.

Шефот на пратеничката група на демохристијаните во Бундестагот, Вокер Каудер пред почетокот на средбата изјави дека мораат да се направат напори за формирање на стабилна влада.

– Мораме да сториме се што е во наша моќ за да бидеме успешни во консталацијата што ја имаме. Во Европа се водат големи расправи, а меѓунардоната политичка состојба е сложена. Затоа ни е потребна стабилна влада, изјави Каудер.

Генералниот секретар на ФДП, Никола Бер нагласи дека оваа прва средба ќе биде насочена кон изнаоѓање заеднички точки на договорот за идната коалициска влада.

– Јасно е оти претстои долг пат до усогласувањето по неколку прашања, но атмосферата е фокусирана на пронаоѓање можности за соработка, изјави Бер пред стратот на денешните преговори.



Автор: Администратор
Објавено на: 20/10/2017 14:23