Шпанскиот крал Фелипе Шести порача синоќа дека Каталонија „е и ќе биде важен дел“ од Шпанија, истакнувајќи дека сите Шпанци мора да го почитуваат законот, но и меѓусебно.

Остро спротивставувајќи се на тежнеењето на Каталонија кон независност, кралот во својот говор за време на свеченоста за доделување на наградата „Принцеза од Астурија“ во градот Овиедо, изјави дека сите мора да го почитуваат Уставот и начелата на парламентарната демократија.

– Каталонија е и ќе биде дел од Шпанија, нагласи кралот Фелипе Шести.

Тој нагласи дека неговата земја се соочува со „неприфатлив обид за отцепување“ на Каталонија.

– Нема да се откажаме од она што заедно го градевме, истакна кралот Фелипе Шести, додавајќи дека неговата земја ги надминала „грешките од минатото“, веројатно мислејќи на поранешната воена диктатура на Шпанија.

Според него, Шпанците во изминатите децении ја почитувале својата суверена одлука да живеат заедно во демократија.

Владата во Шпанија денеска ќе одржи итна седница, на која се очекува да биде донесена одлука за активирање на членот 155 од Уставот, со кој му се дозволува на Мадрид времено да ја укине автономијата на Каталонија и да ги спречи обидите за отцепување на областа од Шпанија.

Откако Каталонија на 1 октомври го одржи забранетиот референдум за независност, кралот Фелипе жестоко го осуди таквиот потег како незаконски и ја поддржа националната Влада.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2017 02:58