Каталонскиот народ не може да ги прифати мерките на шпанската Влада за распуштање на регионалните власти во Каталонија и за распишување на избори во регионот, изјави вечерва каталонскиот лидер Карлес Пуџдемон.

Во телевизиско обраќање до граѓаните на Каталонија, Пуџдемон побара одржување седница на каталонскиот Парламент на која би се расправало за мерките што ги презема Владата во Мадрид, кои практично значат суспензија на каталонската автономија.

– Го молам Парламентот да се состане на пленарна седница на која ние, претставниците на суверенитетот на граѓаните, ќе може да одлучиме во врска со овој обид за ликвидација на нашата влада и нашата демократија, потенцира Пуџдемон.

– Со ваквите потези Владата во Мадрид не го почитува владеењето на правото, порача Пуџдемон.

Според него, мерките на шпанската Влада претставуваат „најлош напад врз институциите и народот на Каталонија од воената диктатура на Франциско Франко”.

Во обраќањето тој сепак не му препорача на Парламентот прогласување независност на Каталонија.

Весникот „Конфиденсиал“ меѓутоа објави дека Пуџдемон на 23 октомври ќе прогласи независност на Катлонија.



Автор: Администратор
Објавено на: 23/10/2017 03:15