Шпанската Влада вчера донесе одлука за активирање на членот 155 од Уставот на Шпанија и предложи мерки за преземање на ингеренциите на каталонските регионални власти, со што практично се суспендира автономијата на Каталонија.
Активирањето на членот 155 од Уставот мора да го одобри Сенатот на Шпанија, кој за ова прашање најверојатно ќе се изјасни в петок.
Примената на членот 155 во пракса ќе значи разрешување на регионалната Влада на Каталонија, која би била заменета со „органи и администрација кои за таа цел ќе ги избере или формира“ централната Влада во Мадрид.
Согласно денешната одлука на Владата во Мадрид, каталонскиот Парламент би требало да продолжи да ја врши својата претставничка функција, но под надзор на орган именуван од шпанскиот Сенат, со цел „да се гарантира почитување на одредбите од Уставот на Шпанија“.
Каталонскиот Парламент не ќе може да избере нова Влада, ниту да усвојува „иницијативи спротивни на Уставот на Шпанија и на статусот на Каталонија“.
Администрацијата што „ќе ја избере или именува“ шпанската Влада, ќе има надлежности за спроведување извршни мерки, именување и разрешување на службеници во регионалната управа, како и преземање контрола врз каталонската полиција и јавниот телевизиски сервис во Каталонија.
Владата во Мадрид на овој начин „ќе управува со јавните услуги, стабилноста на буџетот, финансиската одржливост и даночните приходи“, со цел да се спречи користење на јавните средства за финансирање на процесот за отцепување на Каталонија.
Ваквите мерки би требало да бидат во сила се до формирањето на новата каталонска Влада, која би била создадена по најавените предвремени избори.
Согласно одлуката, Владата во Мадрид може и порано да ги укине овие мерки, доколку „бидат отстранети причините поради кои тие се донесени“.
Шпанската Влада на секои два месеци ќе треба да го информира Сенатот за состојбата со примената на овие мерки и нивното спроведување,
Ваквите мерки ќе стапат во сила веднаш по нивното одобрување од страна на Сенатот.
Каталонската регионална Влада, сепак, би можела да го спречи воведувањето на овие мерки, доколку самата распише предвремени избори, пред нивното стапување во сила.
Весникот „Конфиденсиал“ денеска објави дека каталонската регионална Влада планира да прогласи независност на Катлонија в понеделник на 23 октомври.
Според весникот, засега не е познато како властите во Барселона ќе го изведат прогласувањето независност, но не е исклучена можноста тоа да биде сторено на седница на каталонскиот Парламент, свикана по итна постапка.
Весникот нагласува дека на овој начин Барселона сака да прогласи независност пред одржувањето на седницата на шпанскиот Сенат најавена за в петок.
Ова е првпат една шпанска Влада да го активира членот 155 на Уставот на Шпанија, од неговото донесување во 1978 година.
Шпанскиот премиер Маријано Рахој денеска изјави дека Владата „била принудена да ги преземе овие мерки без преседан, за да го зачува правниот поредок, за да обезбеди неутралност на регионалните институции, за да се гарантира зачувување на јавниот сервис и економските активности, како и да ги заштити правата на сите граѓани“.
Според Рахој, неговиот Кабинет немал друг избор, откако каталонската регионална Влада „презела еднострани постапки, спротивни на законот и предизвикала судири“.