Денес го прославуваме 23 Октомври, Ден на мaкедонската револуционерна борба, денот кој што е симбол на идејата за македонската организирана борба, за слободна, независна и суверена македонска држава.
Денес, 23 Октомври е денот кога го чествуваме делото на основачите на Македонската Револуционерна Организација, Груев, Татарчев, Хаџи Николов, Поп Арсов, Батанџиев, Димитров, но и делата на Гоце Делчев, Јане Сандански, Тодор Александров, Пере Тошев, Борис Сарафов, Никола Карев.
Делото на оваа генерација македонски херои кои ја создадоа организацијата која успеа во најтешките времиња да го организира македонскиот народ и да го понесе кон патот на слободата, беше ѕвездата водилка на илјадниците македонски комити и партизани, кои од илинденската епопеја, па до народно ослободителната војна ја градеа државноста која денес ја уживаме.
Во сите битки кои ги водеше македонскиот народ, тој победоносно и смело чекореше исполнувајќи ја големата идеја на Македонската Револуционерна Организација за слобода на Македонија. Искрата која се роди на 23-ти октомври 1893 беше основата на сите понатамошни значајни датуми од македонската историја. Идејата на Македонската Револуционерна Организација која прерасна во ВМРО нам ни ги донесе и АСНОМ и 8-ми Септември 1991 година, кога македонскиот народ конечно доби сопствена и суверена независна држава.
Визијата на Македонската Револуционерна Организација успеа да го обедини народот без разлика на етничката и верската припадност кон заедничката борба за еднаквост, слобода и сопствена држава. Нивната љубов кон татковината им ја даде храброста да направат голем подвиг и пожртвувано да се спротивстават на неправдата.
Денес кога нивната идеја е реализирана, ние гордо се сеќаваме на нивното херојство, борбеноста и истрајноста. Подвигот на македонските револуционери и нивната борба е дело на кое ние се поклонуваме и искажуваме благодарност.
Денес, повторно Македонија се соочува со засилени притисоци и закани по нашата државност и идентитет. Повторно се бара бришење на историјата и се негира се тоа за кое што се жртвувале илјадници Македонци, членови на организацијата. Повторно се доведува во прашање нашето име и повторно сите овие обиди наидуваат на поддршка и внатре во Македонија. Повторно сме соочени со помраченост, но обврска на нашата генерација е да ја зачуваме слободата и независноста на нашата држава и да застанеме во одбрана на националните и државните интереси. Да работиме да ги надградиме идеите на нашите претходници и да ја поведеме Република Македонија како еднаква членка на НАТО и Европската Унија. Заеднички и сложно да ги надминеме сите проблеми, да истраеме пред притисоците и да градиме подобра држава која ќе биде гаранција за подобра иднина за нашите поколенија кои што следат.
Нека е честит 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.
Нека е вечна Република Македонија!