Состојбата во металургијата во земјава во моментов е поповолна, но ефектите врз вкупната економија ќе се почуствуваат подоцна, оцени денеска Митко Кочовски, претседателот на Здружението на металургијата при Стопанската комора на Македонија.

Тој посочи дека металургијата е гранка која кога расте ја влече целата економијата напред, но и назад кога паѓа, поради што побара од Владата да овозможи нормални услови за работа базирани на економските законитости и потребите на европскиот пазар, како и решавање на прашањата поврзани со енергетиката, транспортот, инфраструктурата, екологијата и административните формалности за увоз на старо железо.

– Во челичната индустрија се чувствуваат видиливи поместувања во смисол на заживување на пазарот, расте обемот на нарачките и имаме посериозно искористување на капацитетите кое ќе донесе произведен аутпут како поголеми количини, поголеми приходи и поголем извоз. Во Фени и Југохром состојбите се неповолни поради локални причини, промена на сопственичката структура во Фени и еколошките проблеми на Југохром. Очекуваме со новите сопственици да се рестартира производството во Фени во полн капацитет, а Југохром напролет да почне со производство со што и вкупните состојби во индустријата ќе бидат подобри, рече Кочовски на денешната прес-конференција.

Нагласи дека на краток рок врз економијата ќе имаат влијание Арчелор Митал, Макстил и Дојранстил како производители на челик и челични производи, а сите индустрии кои се во функција на нивното работење ќе имаат динамизирање на нивните производни активности како снабдувачи.

– Во Арчелор Митал, Макстил и Дојранстил веќе имаме евидентен раст и на производството и на другите финансиски показатели. Кај металопреработувачките капацитети добро одат работите и многу брзо ќе се видат резултати, кај Фени можеби до крајот на годинава, а кај Југохром ќе почекаме да се рестартира производството, рече Кочовски.

Посочи дека металургијата се соочува со сериозен недостиг на кадар.

– Потебни се коренити промени на образовниот систем во земјава, бидејќи немаме продукција на кадровско-работнички занимања од металска струка, а исто е и во другите струки. Лоша е и демографијата, а имаме и крајно неповолни миграциски движења. Во металуршките капацитети просечната старост на вработените надминува 53 години, а доколку се има во предвид и дека имаат бенефициран работен стаж тие се многу блиску до пензија и мораат да го пренесат своето занатско знаење. Затоа државата мора да најде начин да продуцира повеќе кадри за индустријата, посочи Кочовски и додаде дека работниците во металската индустрија земаат плата поголема од 20.000 денари.



Автор: Администратор
Објавено на: 24/10/2017 12:36