Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, денеска како апсолутни невистини ги отфрли тврдењата на претседателот на Алијансата на Албанците, Зијадин Села, дека тој и ВМРО-ДПМНЕ се „организатори на неговото физичко ликвидирање“. Тој уверува дека нема да има предвремени парламентарни избори бидејќи СДСМ и ДУИ имаат одржлива коалиција и дека не очекува инциденти за време на вториот круг на локалните избори.

- Би сакал да го изразам моето разочарување за погрешната страна која ја зазеде Села и би сакал тој да има поконструктивен и поафирмативен пристап во правец на процесите. Го кажувам ова со големо разочарување. Тој не е подготвен за големи процеси, рече Ахмети, изразувајќи голема вознемиреност, како што кажа, од синоќешната изјава на Села.

- Тој вчера даде неумерена изјава дека јас и ВМРО-ДПМНЕ сме организатори на неговото физичко ликвидирање, за потоа да го елиминираме и политички. Ги одбивам како апсолутна невистина тие обвиненија, а мојот имунитет е се појак и појак и би сакал Села да биде поконструктивен, рече Ахмети.

Тој не одговори дали по вчерашната изјава на Села ќе го покрене прашањето за промена на составот на Владата, потенцирајќи дека таа функционира нормално и оти тоа не е дел од неговата загриженост, Сепак, кажа дека тоа е прашање кое бара решение за што треба да одлучи Села.

Според Ахмети, по вчерашната изјава на Села и партнерството на БЕСА со ВМРО-ДПМНЕ, сите човечки вредности се девалвирани во овој правец поради што тој е екстремно разочаран и многу загрижен.

Нема промена, според него, во политиката на ДУИ во однос гласачите Албанци со повиците за поддршка на кандидатите на СДСМ. Ахмети ги отфрли тврдењата дека тој им објавил условно кажано војна на Алијансата на Албанците и на БЕСА, одговарајќи со прашање зошто тие нивната коалицијата не ја направиле пред изборите туку пред вториот круг.

Неговите очекувања од неделните избори се тие да бидат мирни и демократски.

- Граѓаните во недела ќе ја изразат својата слободна волја. Битно е изборите да бидат мирни, демократски. Не сметам дека имам какви било причини некој да направи проблеми. Ние сме заинтересирани за прифатлив процес за сите, изјави лидерот на ДУИ.

Ахмети смета дека погрешниот правец на ВМРО-ДПМНЕ, исто како погрешниот правец на Села ги однел во пораз на изборите.

- Не беа во чекор со времето, не беа доволнои рационални и не беа во согласност со климата и барањата на граѓаните на РМ, рече Ахмети.

Тој ги отфрли тврдењата на Билал Касами дека постои скриен договор меѓу ДУИ и СДСМ за да се заштити криминалите на неговата партија, која во изминатите години беше коалициски партнер во Владата со ВМРО-ДПМНЕ.

Декларацијата на албанските партии, според Ахмети не е оставена настрана, а по изборите во недела ќе продолжи седницата за употребата на албанскиот јазик. Лидерот на ДУИ смета дека ќе има, како што рече промени во однос на парламентарното мнозинство.

- Не знам точна бројка за да ви кажам за колку може да се промени парламентарното мнозинство, но знам дека има добра волја, рече Ахмети.

Во однос на можноста за одржување на предвремени парламентарни избори кој, како што рече, уверува дека нема да има предвремени парламентарни избори.

- Имаме одржлива коалиција. Програмата е многу добра и очекуваме да се реализира, очекуваме имплементација на реформите, како што се реформите во судството. Имаме огромна поддршка во нашата земја да владее правото. Ако тука бидеме успешни и продолжиме да работиме во правец на владеење на правото и на правната држава мислам дека навистина би можеле да очекуваме видлив напредок, рече Ахмети.

ДУИ, според лидерот на партијата никогаш не била надвор од процесите за решавање на спорот за името, без разлика на, како што рече Ахмети, длабоките разлики што ги имале со ВМРО-ДПМНЕ.

Во однос на решавањето на прашањето за името, лидерот на ДУИ смета дека засега треба да се работи во правец на креирање на клима за решавање на проблемот.



Автор: Администратор
Објавено на: 27/10/2017 17:15